Текстови

Осаменоста опасна колку и цигарите

Залудно се откажувате од пушењето и одржувате витка линија ако немате пријатели. Американските научници предупредуваат дека осаменоста влијае на здравјето исто како и пушењето или прекумерната дебелина. Тоа значи дека осамените луѓе имаат повисок крвен притисок, послаб имунитет и поголеми шанси да заболат од деменција (сенилност и намалување на интелектуалните способности) во споредба со оние што имаат пријатели и изградиле блиски односи со семејството. Истражувачите откриле дека разликата кога станува збор за здравјето, меѓу осамените и друштвените луѓе е толку голема што може да се спореди со разликата меѓу пушачите и непушачите, како и со оние со нормална телесна тежина и подебелите.

Осаменоста го подигнува нивото на хормон кортизол што доведува до зголемување на крвниот притисок до таа мера што постои опасност од срцев или мозочен удар. Во истражување, луѓето што биле најосамени имале значително зголемен крвен притисок, во споредба со оние со најактивен друштвен живот. Научниците сметаат дека осамените имаат за три пати поголеми шанси да заболат од болести на срцето или да добијаст мозочен удар, а шансите да починат од овие заболувања се поголеми за два пати. Осамените луѓе, исто така, почесто страдаат од несоница или имаат нарушен сон, се чуствуваат малаксани и поспани во текот на денот, па затоа навечер мора да земаат апчиња за спиење. Не се знае зошто осаменоста има такво влијание на здравјето, но се претпоставува дека на мозокот на таквите луѓе му недостига виталност. Професорот Јон Какиопо, раководител на истражувањето што го спроведе Универзитетот во Чикаго, истакнува дека овој феномен е многу важен во денешно време кога луѓето се се поизолирани и се почесто комуницираат преку интернет отколку директно лице во лице. Луѓето се подоцна влегуваат во брак и имаат помалку деца, а комуникациите со луѓето им се сведуваат на површно дружење, наместо на вистинско пријателство. Осамените луѓе имаат специфично чуство за глад. Клучот е во тоа што тие сфаќаат дека решението не лежи во тоа да се биде сит, туку да готват за другите и со нив да уживаат во јадењето.