Текстови

По овој пат до височините

Фармерите од областа Бер Ривер, во Нова Шкотска, во која успева еден од најдобрите видови цреши во светот, имаат еден несекојдневен обичај. За време на берењето на црешите, за одредена цена фармерот „дава под закуп“ едно дрво за еден час или дури за еден ден.

Штом закупецот ќе плати, дрвото е „негово“ и тој може слободно да бере. Сите цреши што ќе ги набере за тоа одредено време му припаѓаат на „закупецот“, зошто закупот не се мери според количеството туку според времето. Кога времето ќе помине, дрвото му се предава на следниот „закупец“. Во рамките на ваквиот систем оној што ќе набере најмногу цреши за најкусо време, добива најмногу за парите што ги вложил.

Еден берач се изделил од сите други. Тој секогаш берел најмногу од стеблата што ги зел под „закуп“. „Како успевате во тоа?“, го прашале. „Тоа е просто“, се насмевнал. „Јас не берам само од долните гранки“.

Бидејќи од долните гранки е најлесно да се бере, повеќето берачи почнуваат до нив, сосредоточени на берење на плодови од овие гранки, го забораваат богатиот род што се наоѓа на повисоките гранки.

Така е и во животот. Не се исплатува да се стремите кон она што може лесно да се досегне. Ваквиот став бара многу труд и поставува многу барања пред човекот што гледа напред и цели што се повисоки од целите на мнозина. Потребно е многу храброст и напор идејата да се претвори во акција или во вистинска вредност. За оние што се подготвени да добијат потешки задачи нема да биде лесно, но ќе постигнат резултати.

Често размислуваме како онаа лисица од басната што заклучила дека слаткото грозје што не може да го досегне веројатно е мошне кисело и дека не се исплатува да се труди околу него. Меѓутоа, победниците тешката задача ја сфатиле како предизвик, вложиле посебен напор и освоиле награда. Познатиот писател Елена Вајт пишува вака:

„Спротивставените околности треба да се совладат со цврста одлука. Една отстранета пречка ќе ви даде подобро искуство и храброст да истраете во напредувањето. Појдете во сигурен правец и извршете промена – сигурно и промислено. Тогаш околностите ќе бидат ваши помошници, а не ваши пречки.

Почнете! Дабот се наоѓа во желадот!

Пред повеќе од 100 години Лајмен Абот пишувал за способностите што лежат успиени во секој човек. Во своето размислување вешто ја вградил сликата на природата:

„Скинав желад и го принесов кон увото, и еве што ми кажа: Набргу ќе дојдат птици и ќе направат гнезда на мене. Набргу животни ќе засолнувам од сонцето. Набргу ќе ги греам домовите. Набргу ќе станам засолниште од невреме за оние што ќе дојдат под мојот покрив. Набргу ќе станам цврст дел на некој голем брод и напразно ќе удира во мене бура, додега ги носи луѓето по големи мориња.“

„О, наивен малечок желаде, дали ти навистина ќе станеш сето тоа?“, го прашав.

Желадот одговори: „Да, зошто тоа го сакаме Бог и јас.“