Густав Раск исчезнал од една фарма во Шведска во која живеел со своите родители. Иако била организирана голема потрага по него, немало ниту трага ниту глас. Поминувале години, но родителите не примиле ниту едно писмо или некаков друг знак што би потврдил дека е жив. Од овој настан поминале 26 години. Родителите зачекориле во 76-тата година, одамна лишени од надежта дека повтoрно ќе го видат сина си.
Но, тогаш одненадеж се случило нешто што наполно ја изменило оваа состојба. Некој новинар од Стокхолм случајно наишол на известување дека некој човек по име Густав Раск живее во еден градски пансион. Името било малку поинаку напишано од името на човекот што одамна изчезнал, но репортерот помислил дека тоа сепак може да биде човекот кој исчезнал пред многу години. Истата вечер, кога го дознал тоа, се дал на работа да го пронајде тој човек. Кога ја добил адресата, веќе поминал 22 часот и затоа не му дозволиле да разговара со човекот што го носел презимето Раск. Меѓутоа, новинарот не ја прекинал својата работа па успеал да пронајде податок дека овој човек е роден на 6 јуни 1901 година и дека неговото полно презиме Густав Еинар Раск.
Бидеќи веќе било доцна, новинарот не можел да воспостави телефонска врска со општината во која живееле Јохан и Јохана Раск, кои би му помогнале да го провери датумот на раѓање и полното име на овој интересен човек. Во ваква ситуација повеќето луѓе би кренале рака од се. Можеби тој дури и не е загубениот син, туку само човек кој има слично име.
Но овој новинар не се предавал така лесно. Сакал да собере колку што е можно повеќе податоци за овој случај. Затоа веднаш тргнал кон фармата. Стигнал во еден часот по полноќ. Старата брачна двојка спиела во цврст сон. На новинарот тоа не му пречело. Набргу скромниот дом се исполнил со радост и со возбуда – датумот на раѓање и името со другите податоци на нивниот загубен син целосно се совпаѓале. Среќните родители се сретнале со својот син.
Затоа што репортерот бил готов да вложи посебен напор, резултатот не изостанал. Најпосле во малечката селска куќа завладеала радост.
Овој новинар потсетува на еден тркач кој секогаш победувал на трките на 200 метри. Кога сакале да дознаат за тајната на неговите успеси, кратко одговорил: “Тоа е едноставно. Првите 180 метри трчам најбргу што можам. Потоа, последните 20 метри, трчам малку побргу.“
Тој посебен поттик прави разлика. Повеќето луѓе се задоволуваат со среден напор. Затоа уште првите пречки за нив се толку непреодни, што се готови да се отстапат.
Во секоја работа, во секоја фабрика и во секоја установа постојат работи што мора да се завршат а што не му се доверени на некое одредено лице. Повеќето луѓе ги занемаруваат овие прилики и се сосредоточуваат само на она што мораат да го извршат. Тоа се просечни луѓе. Два вида луѓе никогаш нема да постигнат голем успех. Првите се оние што не можат да го сторат она што се очекува од нив, а другите се оние што ќе го сторат само она што ќе им се каже.
Тоа не е случај со трудољубивиот човек. Тој го прави она што се очекува од него. Тој е готов да оди еден чекор понатаму. Тој сака да знае што се треба да стори и тоа не го смета само како предизвик, туку како прилика да научи нешто повеќе.
Од двајца луѓе со приближно исти способности и интелегенција, едниот има “самодвигател“ во себе и тој постигнува успех. Често се случува човекот што својата задача ќе ја почне полетно и радосно да има поголем успех од многу талентирани на кои им недостига внатрешен “двигател“ и поттик.
Еден човек сакал просторот пред својата куќа да го исчисти од песокот и калта што ги нанела поплава. Единствен алат со кој располагал биле количката и лопатата, а покрај тоа не бил ниту силен ниту млад. Сето тоа го посматрал неговиот сосед. По извесно време слегол и го прашал:
– “Зар не гледате дека тоа е премногу за вас?“
– “Да“ – одговорил човекот и продолжил да работи.
– “Тогаш зошто сте прифатиле толку голема работа кога знаете дека не можете да ја извршите?“ – повторно прашал соседот.
– “Ви реков дека тоа е голема работа за мене, но нема да се откажам, бидеќи тоа би го уништило моето достоинство. Нема да ми биде лесно, но нема да дозволам толпата песок и кал постојано да ми зборува за мојата немоќ.“
Продолжил истрајно да ја извршува работата што навистина била преголема за него и набргу просторот пред неговата куќа бил очистен.
Тешко е да се заврши некоја работа, но понекогаш е многу потешко истата да се почне.