Текстови

Размислување според правилото сè-или-ништо (2 дел)

Перфекционизмот и начинот на размислување: сè или ништо

Оние кои размислуваат според начелото сè-или-ништо најчесто се перфекционисти. Ако нешто не можат да направат добро, тие најрадо не би го направиле; ако ситуацијата не се одвива совршено, тие тоа го доживуваат како беден неуспех. Нема ништо лошо во тежнеењето кон совршеност. Меѓутоа, мора да бидеме разумни во своите очекувања. Иако секогаш треба да тежнееме за нешто, да се надеваме на нешто или да го сакаме најдоброто, нереално е да се верува дека во сè што работиме ќе постигнеме неверојатен успех.

Реалноста е таква што поголемиот дел од животот се одвива во заматената област помеѓу црното и белото. Поголемиот дел од поединостите кои се случуваат во животот се некаде во средината. Животот е навистина повеќе како светлина со прекинувач кој има копче за поставување на јачината отколку на прекинувач кој има само можност за ,,вклучено” и ,,исклучено”. Светлоста може да биде вклучена, но постојат и многу меѓустепени јачини. Некои луѓе се гордеат со своето размислување според начелото на сè-или-ништо. За нив самата таа замисла содржи сила и извесност. Фактот е, сепак, дека постојат многу нивоа на успех во животот.

Мислите за самоубиство се најекстремен и најопасен пример на размислување според образецот сè-или-ништо. Обидот за самоубиство е често всушност повик за помош, кои го извикуваат личностите кои сами себе се убедиле дека ако го немаат она што го сметаат за ,,сè”, тогаш е подобро да немаат ,,ништо”.

Поединци често стануваат самоубиствени кога не успеваат да се изборат со депресијата. Тие не можат да ја совладаат болката, стравот или страдањето поради екстремниот притисок или менталното нарушување.

Нездравото размислување според начелото сè-или-ништо, кое придонесува за бројни навики на депресивно размислување, може да води и кон анксиозност, паника, депресија, вина, чувство на помала вредност, безнадежност, перфекционизам и гнев.

Со оглед на тоа дека оние кои мислат по начелото сè-или-ништо тежнеат да, освен на себе, применат такво поларизирано размислување и на другите и на светот околу себе, тоа нивно искривување може прилично да се прошири. Затоа е важно да ја препознаеме негативната примена на овој начин на размислување и да го спречиме секогаш кога се употребува несоодветно. Во следниот дел ќе разговараме за тоа кои се позитивните примени на овој начин на размислување.

Извадок од книгата: The lost art of thinking, Neil Nedlay