Сила за потфат

Не е можно да се измери силата што му стои при рака на секој поединец што верува во себе и има цел да остави зад себе дело во сообразност со своите таленти. Тогаш неговиот успех не зависи ниту од материјалните средства ниту од поддршката на околината.

Кој би можел да помисли дека малечката група исплашени Исусови следбеници, собрани во горната соба по неговата смрт, ќе почнат движење значајно за целиот свет? Овие исплашени луѓе го загубиле својот Водач. Нивните надежи биле уништени. Седеле зад заклучена врата од страв од непријателите. Немале пари, никакво влијание, никаква моќ. Па сепак, само за неколку децении, нивната наука го потресла Римското царство. Подоцна ова движење ќе предизвика издигање и пад на нации и ќе измени милиони животи на целата Земјина топка.

Како можело да се случи сето тоа? Одговорот е едноставен. Оваа малечка група луѓе верувала во своето дело. Исцело самите себеси му се посветиле нему и затоа добиле неизмерна сила слободно да располагат со неа.

Во една од своите книги Дин Кели го истакнува ова во неколку впечатливи реченици: „Најголемите водачи, кои обично се верски водачи, како Џон Весли, се луѓе што живеат близу до своите најголеми можности не само неколку мига, туку со години, не само поради славата туку поради целта. Не е ли чудно што овие посветени, полетни мажи и жени, похрабри од кој и да е друг, привлекле кон себе групи следбеници што сакале да го делат таквиот плоден живот?

Овие малечки групи посветени луѓе ставиле свој печат на историјата што не е во сразмер со нивниот број или способности. Во поголем број случаи тие потекнувале од општествени слоеви што најмалку ветувале: немале благородничко потекло, не биле богати, добро образовани или посебно надарени. Се што имале да понудат била силата на нивната личност. Меѓутоа, тоа било повеќе отколку што понудиле другите во својата длабока непосветеност. Кога грст наполно посветени човечки суштества потполно ќе се предадат себеси на некое големо дело или вера, ништо не може да ги запре…

Тие се во состојба да го сторат ова од неколку причини:

1.Тие се подготвени да посветат повеќе време и напори за својата цел отколку повеќето луѓе за остварување на своите дури и најмали лични амбиции.

2.Тие се посведочени во исправноста на својата определба и среќни се што се наоѓаат на Божја страна.

3.Тие се во друштво на подеднакво посветени верници со исто мислење кои си помагаат еден на друг, кои се храбрат кога ќе западнат во време на слабост, во прогонство и во сомневање.

4.Тие се готови да се откажат од своите лични желби и да ги прифатат потребите на општеството.