Соочување и повлекување при проблеми

Повлекувањето пред проблемите често изгледа како најдобар начин за нивно решение. Некои тоа го прават свртувајќи се кон пиење. Луѓето почнале да ја применуваат оваа метода на решавање на тешкотиите откако откриле дека слаткиот сок може да ферментира. Привременото чувство на среќа што го предизвикува алкохолот на луѓето им пружа краткотрајно уверување дека побегнале од своите неволји или дека постигнале успех без бролевање на „крв, пот, макотрпен труд и солзи“.

Но измамната моќ на алкохолот не донесува вистински мелем за болните нерви и за зголемениот крвен притисок. Кога „поволните“ влијанија ќе исчезнат, проблемите се уште остануваат, а веројатно станале дури и многу поголеми. Лицето што навистина го сака животот и се труди подобро да го искористи, ќе настојува да ги подобри своите способности, а не да ги намалува и отапува.

Широката употреба на средствата за смирување може да биде дури и поопасна од употребата на алкохолот. Потресно е да се видат како мнозина се тетерават низ животот помагајќи се со овие хемиски патерици, обидувајќи се да се борат во овој хаотичен свет што бара најголеми достигнувања. Сигурно постои подобар начин. И тој навистина постои.

На прво место, не треба да пристапиме кон решавање на проблемите ако не сме кадри храбро да се соочиме со фактите, или што би било мошне трагично и недостојно за човекот, да се обидеме да побегнеме од реалноста. Намалувајќи ја силата на разумот со употреба на дроги што отапуваат или алкохолни пијалоци, околностите ги правиме уште потешки. Да се урнат животните пречки со своите лични способности е најдобар пат за излез од тешкотиите. Кога постапуваме така, и самите ќе се чудиме како тешкотиите и плашливоста исчезнуваат. Настаните од Мојсеевиот живот ги потврдуваат овие факти.

Кога Мојсеј му ги открил на Бога причините поради кои не се осмелува да оди кај фараонот, Бог неговиот стап го претворил во змија, а Мојсеј побегнал од неа. Бог му рекол да не бега туку да се врати и да се соочи со змијата. Тој дури му заповедал да ја фати змијата за опашката. Кога Мојсеј го послушал Бог, редоследот на настаните станал мошне интересен. Кога се свртил и се соочил со змијата, змијата почнала да бега.

Инструкторите што ги учат луѓето да пилотираат во својата настава го применуваат ова начело. Ако некој од учесниците во текот на наставата доживее некоја незгода и од неа излезе неповреден, нему веднаш му се наредува да земе авион и повторно да полета. На тој начин пилотот нема можност да побегне од опасноста или трајно да остане во состојба на страв. Инструкторот знае дека стравот губи многу од својата моќ кога ќе му се пристапи разумно.