Современи прилики

Има многу мудрост во овие искажани зборови: „Уверен сум дека низ овој свет ќе поминам само еднаш. Затоа секое добро што можам да го сторам или секоја љубезност што можам да ја покажам кон секое човечко суштество, треба да ги сторам сега. Тоа не смеам да го одложам или да го заборавам, зошто по овој пат нема повторно да поминам.“

Секој ден илјадници луѓе не ги користат златните прилики за да си го олеснат и разведрат својот живот и животот на другите. Никој нема право да очекува таа работа да ја сврши некој друг. Во поголем број случаи тоа може да се оствари во непосредната околина во која живее секој човек. За подобар живот можат да придонесат сопружниците, браќата и сестрите, родителите и децата и соседите што не ги одложуваат или одбегнуваат малечките дела на љубезноста.

Понекогаш ние ги пропуштаме таквите прилики поради тоа што она што можеме да го сториме сега ни изгледа непотребно и незначително во споредба со она што сакаме да го сториме во иднина. Така ја пропуштаме приликата да укажеме малечко внимание, но другата што ја очекуваме и во која би оствариле поголем потфат никогаш не дошла. Еднаш еден стар предавач на факултет им рекол на своите студенти: „Кога бев студент, имав пријател кој имаше големо влијание врз мојот живот. Беше мошне чесен, сигурен, полн со разбирање и секогаш подготвен да помогне. Ме вдахнуваше да бидам и јас ист како него. Секој ден му благодарам за добрите начела што ги всади во моето сфаќање за животот. Во моите предавања често им зборувам на моите студенти колку многу ми значеше. Меѓутоа, тоа јас никогаш лично не сум му го рекол. Сега е премногу доцна. Тој умре.“