Текстови

Тешки зборови

Лука 6,29. „На оној што ќе те удри по едниот образ, заврти му го и другиот!“

Рускиот писател Лав Толстој раскажува за еден стар чевлар кој се викал Мартин. По смртта на жената и детето, во тага повикал кон стариот побожен пријател: „Зошто човекот да живее после се ова што ми се случи?“ Пријателот му одговорил: „За Бога, Мартине, за Бога.“ „А како човекот може да живее за Бога?“ запрашал Мартин. „Исус Христос ни го покажал патот“, рекол побожниот пријател. „Набави си Евангелие и читај. Во него ќе најдеш како да живееш со Бога. Таму ти е сè објаснето.“

Така еден ден Мартин си набавил Евангелие и почнал да го чита. И колку повеќе читал, толку повеќе сфаќал што Бог очекува од него и што значи да се живее со Бога. Неговото срце станувало сè поведро.

И еден ден Мартин прочитал дел од Лука 6,27-35, и одеднаш сфатил дека Исусовите зборови се многу тешки. Долго размислувал за 29 стих: „На оној што ќе те удри по едниот образ, заврти му го и другиот!“ Тогаш видел дека неговиот живот не е баш во склад со Исусовите зборови па повикал: „О Боже, помогни ми, Те молам!“

Ние можеби чувствуваме дека е премногу тешко да сме послушни на Божјите зборови. Како да не можеме да ги исполниме Неговите тешки зборови. Слично на стариот Мартин, и ние мораме да повикаме: „О Боже, помогни ми, Те молам!“ Мораме да сме свесни дека без Него никогаш ништо не ќе можеме да сториме.

Впрочем, послушноста кон Исусовите зборови ни се чини тешка, но мораме да видиме дека она што Тој го бара од нас е за наше добро, за животот да ни биде во потполност исполнет и слободен.

Цената на потполната послушност не може да се спореди со цената на непослушноста.