Текстови

Антагонизам кон границите

„Дали јас знам зошто не можам да кажам не?“ – Се насмевнал Лери. „Зошто не ме прашате нешто потешко? Пораснав како во војска. Татковиот збор беше закон. Несогласувањето се толкуваше како побуна. Еднаш кога имав девет години му се спротиставив и се сеќавам како се пробудив на другата страна од собата со главоболка од ударот. Со многу повредени чувства.“

Родителскиот антагонизам кон границите е друг вид повреда на границите, и е многу лесно воочлив. Кога детето се обидува да се оддели од односот на родителите, родителот станува гневен. Антагонизмот може да се покаже во облик на гневни зборови, физичко казнување, или несоодветни последици.

Некои родители ќе им кажат на своите деца: „Ќе правиш како што ќе ти кажам.“ Ова е во ред. Бог замислил родителите да бидат одговорни за однесувањето на своите деца. Но тие додаваат „И ќе ти се допаѓа тоа што го правиш.“ Од ова деца полудуваат, бидејќи со тоа се порекнува дека детето е посебна единка. Да го принудите детето да му се допаѓа тоа што го праве значи да го принудите да биде личност која ќе им „угодува на луѓето“, а не личност која „ќе му угодува на Бог.“ ( Гал 1,10).

Некои родители ги критикуваат границите на своите деца:

  • „Ако не се согласуваш со мене, јас ќе…“
  • „Ќе направиш како ќе ти кажам, или…“
  • „Не се сомневај во својата мајка.“
  • „Треба да го смениш ставот.“
  • „Немаш причина да се чувствуваш лошо.“

Деца треба да бидат под авторитет и контрола на своите родители, но кога родителите ги казнуваат своите деца поради нивната зголемена независност, тие ќе пронајдат прибежиште во болката и огорченоста.

Овој антагонизам е беден фалсификат на Божјата програма за учење дисциплина. Дисциплината е уметност во поучување самоконтрола кај децата преку последиците. Неодговорните постапки треба да предизвикаат немир кој ќе не мотивира да бидеме одговорни.

Пристапот „како ќе ти кажам јас“ ги учи децата да се преправаат дека се послушни, барем додека се во видеокругот на родителите. Пристапот „имаш избор“ ги учи децата да бидат одговорни за своите постапки. Наместо да каже „Или ќе го наместиш креветот, или ќе бидеш казнет еден месец,“ родителот треба да каже „Имаш избор, ако го наместиш креветот ќе ти дозволам да играш нинтендо, ако не го наместиш креветот ќе ја изгубиш можноста да играш нинтендо до крајот на денот.“ Детето е тоа што одлучува колку болка е подготвено да поднесе за да биде непослушно.

Божјата дисциплина не казнува, туку поучува:

„Имено тие не казнуваа за малку денови, како што им беше угодно, а Тој за наша полза, за да станеме учесници на Неговата светост. Навистина секоја казна во сегашноста не изгледа дека е за радост, туку за жалост. Но, подоцна им донесува мирен плод на праведност на оние кои се обучиле преку неа.“ (Евреите 12,10-11)

Кога родителите на несогласувањата, непослушноста или постапките на детето одговори со едноставен антагонизам, на децата им се ускратува предноста на воспитувањето. тие никогаш нема да научат дека  одложувањето да се задоволи потребата и одговорното однесување имаат свои предности. Тие учат само како да го избегнат нечиј гнев. Дали сте се запрашале зошто некои христијани се плашат од „гневниот Бог“ без разлика колку и да читат за Неговата љубов?

Последиците од овој антагонизам е тешко да се воочат, зашто таквите деца брзо учат како да се сокријат позади покорната насмевка. Кога овие деца ќе пораснат тие страдаат од депресија, вознемиреност, конфликти во односите и проблеми со злоупотреба на супстанци. Дури тогаш многу поединци кои имаат повредени граници, почнуваат да сфаќаат дека имаат проблем. 

Антагонизмот може да направи децата да имаат проблем да кажат или слушнат „не“. Некои деца потполно се „претопуват“ во луѓето околу нив. Меѓутоа некои реагираат кон надвор и почнуваат да ги контролираат луѓето – исто како и нивниот непријателски расположен родител.

Библијата забележува две различни реакции на родителскиот антагонизам. На татковците им е речено „Не ги дразнете своите деца, за да не станат малодушни“ ( Кол 3,21). Некои деца на острината реагираат со потчинување и депресија. Од друга страна на татковците им е речено „да не ги радразнуват своите деца“ (Ефес 6,4) . Овие деца на антагонизмот возвраќаат со гнев. Многу на крајот постануваат исти како нивните непријателски расположени родители кои ги повредиле.

Извадок од – Boundaries by Henry Cloud and John Townsend