Текстови

Алкохол

НУДИ РАСПОЛОЖЕНИЕ ВО ЗАМЕНА ЗА ДУШАТА

Алкохолот, како и секој добар измамник најпрво ги намамува наивните нудејќи им опуштање, добро расположение, лажна сила и доверба,а потоа како и самиот ѓавол им ја зема душата. Алкохолизмот спаѓа во групата зависни болести. Не се работи за никаква лоша навика како што често мислат луѓето, туку за вистинска болест која треба да се лекува. По бројот на заболени алкохолот е на трето место, веднаш зад кардиоваскуларните болести и туморот.

Ако на тоа се додаде дека алкохоличарот никогаш не е сам во својата болест, туку дека шесто страда и заболува целото негово семејство, јасно е дека бројот на луѓе на кои им е потребна стручна медицинска помош е за два – три пати поголем.

АЛКОХОЛИЧАР СЕ СТАНУВА НЕОСЕТНО

Дали додека пиете го правите тоа сакајќи да станете алкохоличар? Тешко дека на ова прашање кој било ќе одговори потврдно, па дури и самите алкохоличари. И ако во мислите се враќаат на своите први контакти со алкохолот, никој од нив ниту сакал ниту можел да замисли дека ќе стане алкохоличар.Верувале во добро познатата заблуда дека тоа нив не може да им се случи и дека се појаки од алкохолот. За жал, го потцениле противникот.

Алкохоличар се станува полека и незабележително. Најнапред алкохолот се конзумира на т.н. „друштвено дозволен“ начин, што значи повремено по 1-2 чаши. На почетокот се чини дека конзумирањето алкохол главно е со цел за постигнување пријатно расположение, кај некои лица со цел за опуштање, кај пубертетлиите со цел за докажување, добивање лажна сила и самодоверба.

Алкохолот, како и секоја друга дрога предизвикува т.н. зголемување на толеранцијата кај луѓето кои често го консумират. Тоа значи дека се јавува потреба количеството алкохол кое се внесува во организмот постојано да се зголемува за да се постигне саканиот ефект. Така, незабележително, забрзувајќи го „пријатното расположение“, човекот го зголемува количеството на внесениот алкохол и во еден момент без никакви најави и неосетно тој станува зависен од алкохол и повеќе не пие само поради задоволство, туку и поради тоа што мора.

КРИТЕРИУМИ ЗА ЗАВИСНОСТ

Постојат четири критериуми врз основа на кои се проценува дали е некој алкохоличар или не. Доволно е да бидат задоволени само два за да може да се зборува дека се работи за зависност од алкохол.

Првиот критериум е т.н. губење на контролата. Тоа значи дека лицето не може да запре по првата чаша и е подготвен да пие и понатаму додека не се опие. Овој критериум се нарекува уште и феномен на првата чаша, со оглед на тоа дека може да не пие и со денови, но кога ќе ја испие првата чаша, губи контрола над понатамошно консумирање.

Втор критериум е т.н. неможност од апстиненција. Апстиненција значи да не се зема ни најмало количество алкохол. Лицата кои го задоволуваат овој критериум не можат долго да издржат без пијалак. На почетокот пијанствата, на пример, се еднаш месечно, а затоа периодите без пијалак се повеќе и повеќе се скратуваат така што на крајот не можат да издржат ни неколку дена без пиење. Ако не пијат, се јавува таканаречен апстиненцијален синдром-непријатна состојба проследена со неодолива потреба за пијалак, вознемиреност, раздразливост, треперење и потење. Апстиненцијалниот синдром е сигурен знак за физичка зависност од алкохолот. Главно се јавува наутро по падот на нивото на алкохол во крвта и може да се прекине со внесување нови количества алкохол или со земање одредени лекови за смирување.

Третиот критериум е т.н. прекин на филмот. Многу често алкохоличарите не можат да се сетат што правеле додека биле во алкохолизирана состојба, на пример, како и со кого поминале одредено време, како се вратиле дома и слично.

Четвртиот критериум е т.н. пораст на толеранцијата (подносливост на алкохолот). Алкохоличарите пијат во просек по над половина литар жестоки пијалаци дневно. Често, сакајќи да докажат дека не се алкохоличари, го изнесуваат податокот дека можат да испијат и над половина литар и дека не се опиваат не знаејќи дека баш тоа е еден од основните критериуми кои говорат во прилог на болеста. Во последната фаза од болеста, по долгогодишна висока толеранција, имаме обратен процес на толеранцијата кога се опиваат со помали количества алкохол и на крај покажуваат знаци на пијанство и по една-две чаши. Тоа е знак на тешко оштетување на целиот организам, посебно на мозокот и во оваа фаза се јавуваат најголем број здравствени последици.

БЕЗ ИЗЛЕЗ

Личноста која еднаш станува зависна од алкохол никогаш повеќе не може да ја врати изгубената контрола, односно да пие на умерен друштвено дозволен начин. Доста често алкохоличарите искрено сакаат да ги исполнат ветувањата што си ги дале на себе и на семејството било да престанат да пијат или да го намалат количеството на пијалакот. Се обидуваат да се откажат од алкохолот, меѓутоа следи казна од видот на апстиненцијален синдром. Од искуство знаат дека можат да го решат со земање алкохол и во тој момент сите ветувања и желби губат важност и значење. Важно е само едно, а тоа е да престане мачната состојба во која се во моментот. И така уживањето во алкохолот го заменува страдањето.

ГО ОШТЕТУВА СЕКОЈ ОРГАН

Алкохолот преку крвта стигнува до секој дел од нашето тело. Додека се конзумира умерено и повремено, црниот дроб бргу го преработува и така преработен лесно се извлекува од организмот. Кај алкохоличарите е поинаку. Кај нив, поради големата зачестеност и големите количества алкохол, црниот дроб не е во состојба да го преработи во целина и остатокот од алкохолот и неговите состојки во крвта дејствуваат како отров при што доаѓа до оштетување на речиси сите органи во телото.

Меѓу првите органи кои страдат е црниот дроб. Оштетувањето на црниот дроб може да биде лесно, со зголемен црн дроб, па се до цироза- неизлечива и смртоносна болест. Алкохолот дејствува и врз кардиоваскуларниот систем и мнозинството алкохоличари боледуваат од зголемен крвен притисок, а кај некои се јавува и попуштање и слабеење на срцевиот мускул. Најчуствителни на дејството од алкохолот се нервите. Списокот со болести, за жал, не завршува тука. Едноставно, речиси и да не постои орган во телото врз кој не дејствува алкохолот.

ПОСЛЕДИЦИ ВРЗ ПСИХИЧКО ЗДРАВЈЕ

Поради оштетување на мозокот, настануваат бројни психички промени. Под дејство на алкохол мозочните ќелии изумираат многу побргу од вообичаеното. Алкохолното лудило е вистински назив за она што му се случува на алкохоличарот во делириум тременс. Се започнува со неодредени вечернои стравови, кошмари, обилно потење. По неколку дена алкохоличарот ја губи способноста за ориентација за времето, во просторот и кон другите луѓе (не ги препознава дури ни блиските лица). Стравот што го чуствува настанува како последица за кој не сфаќа дека е производ на неговиот болен ум, тукуги доживува како реалност. Така, од шарите на ќилимот гледа стотина змии кои се движат кон него, од вазите со цвеќе-глава на звер. По кожата „гледа“, а под кожата „чуствува“ ситни инсекти кои лазат.Поради оштетување на мозокот, може да се јави и падавица. Нападите на епилепсија се многу драматични и започнуваат со губење на свеста и со пењавење на устата.

Болната и нереална љубомора на алкохоличарите исто така е последица која настанува од оштетување на мозокот. Алкохоличарот најпрво само се сомнева, а потоа се уверува дека жената го изневерува, иако нема изневерување. Се сомнева и во најблиските пријатели, во роднините, па и во сопствените син, татко или брат. Се случува крајот на оваа болна приказна да биде трагичен, односно сопругот да ја убие „неверната“сопруга.

ПРОФЕСИОНАЛНИ ЗАГУБИ

Чест мотив алкохоличарите да пристапат кон лекување е губењето на работата. Таму каде што нема толеранција алкохоличарот е принуден порано да се лекува, а со самото тоа и резултатите од лекувањето се поуспешни.