Живееме во време кога секојдневните активности и случувања ни задаваат големи стресови. Меѓутоа, без оглед на сериозноста на ситуацијата, треба да ја зачуваме својата присебност, а позитивното гледање на работите и оптимизмот да ги ставиме во преден план.
Навиките во исхраната се многу важни, особено кога станува збор за стресот. На организмот, кој се наоѓа во состојба на стрес, потребно му е поголемо количество на енергија во краток временски период, кој истовремено дополнително влијае на кардиоваскуларниот систем поради што особено треба да се внимава на начинот на исхрана.
Сте се запрашале ли некогаш кој режим на исхрана е најдобар кога се наоѓате во стресна ситуација?
Прв чекор што треба да го направите е да ги земате оброците во точно определено време. Јадете пополека и добро џвакајте ја храната. Контролирајте го количеството масти што го внесувате, се мисли на храната богата со заситени масни киселини и со холестерол, за да останат крвните садови здрави треба да користите ладно цедени масла (сончогледово, маслиново, сусамово, ленено), производи од соја кои ќе ги задоволат потребите од есенцијални масни киселини. Високото ниво холестерол во крвта ја влошува здравствената состојба кај луѓето кои се под стрес.
Користете во големи количини интегрални житарки, кои се богати со витамини од Б-комплексот. Овие витамини се неоходни за правилно метаболизирање на шеќерите од една страна и за правилно функционирање на нервниот систем од друга страна. Тие претставуваат основна компонента во борбата против стресот. Ако ви недостигаат некои витамини од Б-групата во секојдневната исхрана, вклучете ги пченичните никулци и јачменот, кој е најпрепорачлива житарка за правилно функционирање на нервниот систем.
Исто така и витаминот Ц има важна улога во антистресниот механизам. Бидеќи организмот не создава резерви од овој витамин, мора да го внесувате секојдневно. Витаминот Ц претежно го има во свежото овошје: цитрусното овошје, јагодите, дињите, малините, а го има и во свежиот зеленчук: пиперки, спанаќ, зелка, брокула, домати, кељ, прокељ и др.
Интегралните житарки, освен што се богат извор на витамини и минерали, изобилуваат и со растителни влакна, кои се особено значајни за правилната перисталтика на цревата, која може да биде нарушена во случај на стрес (да дојде до грчење на цревата).
Пијте големи количества вода, природни овошни сокови без додатоци на шеќер и бои.
Како додатоци и зачини користете: лешници, ореви, бадеми, семки од сончоглед и тиква, маслинки, магдонос, лук, кромид, ароматични билки, умерено количество сол и др.
Од чаевите може да се употребуваат благи чаеви, кои делуваат закрепнувачки на нервниот систем и чаеви од лековити билки, кои придонесуваат за урамнотежување на нервниот систем како чаеви од нане, рузмарин, цвет од глог, валеријана и липа.