Текстови

Краток водич за здрав имун систем (дел 2)

Кои нешта се најважни за правилна работа на нашиот имун систем?

Како што кажавме и претходно, прво и основно на тема имун систем, е тоа дека ви треба здрав имун систем кој работи правилно, а не стимулиран или силен имун систем (кој уништува сè пред себе). Автоимуните болести сè уште се истражуваат, многу работи околу нив не ни се јасни, исто така и другите болести кои се поврзани со нарушена функција на имуниот систем сè уште не се детално разоткриени, но има неколку работи кои произлегоа од истражувањето на овие болести и кои навистина се поврзани со работата на имуниот систем. Како најважни нешта потребни за правилна работа на имуниот систем би ги наведиле:

  1. Здрав гастроинтестинален систем и здрава микробиота. Иако се потребни дополнителни истражувања, сепак постојат доста студии кои наоѓаат врска помеѓу здравјето на гастроинтестиналниот систем, микробиотата и имуниот систем.  Некои од начините на кои овие нешта се поврзани се: доколку вашите црева не се здрави и немате здрава микробиота постои можност за појава на leaky gut т.е. “пропустливи црева“, при што во крвотокот навлегуваат нецелосно дигестирани состојки од храната, што понатаму може да води до молекуларна мимикрија. Ова се случува кога имуниот систем ги препознава овие нецелосно дигестирани супстанци како штетни антигени и се подготвува да ги нападне и да се бори против нив, но кога се случува тие да имаат слична структура со некои наши сопствени клетки и ткива, тогаш имуниот систем покрај тоа што го уништува “штетниот антиген“ уништува и сопствено здраво ткиво. Друг начин на кој здравата микрофлора ви овозможува и здрав имун систем е и тоа што: бактериите во цревата служат и за синтеза не некои витамини, ензими и други состојки кои се важни за нашето здравје; здравата микрофлора исто така нè штити од инфекции со патогени микроорганизми, и исто така здрава микрофлора е важна за здравјето на цревата и за правилна функција на цревата – апсорпција, дигестија и искористување на сите нутиренти.
  1. Доволни количини на витамин Д. Витаминот Д всушност не е баш витамин, туку е хормон и има многу важни функции за добра работа на имуниот систем. Тој е важен за работата на белите крвни клетки, и неговиот дефицит е поврзан со поголема можност за инфекции и со поголема можност за развивање на автоимуност.  Кога станува збор за витамин Д сметаме дека неговата суплементација е навистина оправдана, посебно во зима и посебно кај одредена категорија на граѓани кои се посклони кон развој на дефицит на витамин Д, или на кои им се потребни поголеми количини на витамин Д. Витамин Д е особено важен во контролирање на имуниот одговор, кој е последица на разни инфекции. Доколку имуниот одговор не е добро исконтролиран тој може да направи навистина голема штета и на здравите клетки и ткива во нашето тело, но витаминот Д е клучен за регулирање на проинфламаторните и антиинфламаторните цитокини и за регулирање на работата на Т регулаторните клетки.
  1. Здрава храна (која ќе ве обезбеди со сите нутриенти што ви се потребни), здрав живот и апстиненција од штетни навики и супстанци (како нередовен сон, неконтролирана употреба на алкохол, пушење цигари, непотребна употреба на лекови итн).