ПИЕЊЕ СПОРЕД ПРЕПИШАНАТА ДОЗА

Антибиотиците можат да спасат живот, но нивната неадекватна употреба доведува до зголемување на бројот на микроорганизмите кои се отпорни. Тоа значи дека бактеријата развила начин да се одбрани од дејството на лекот и тој лек повеќе нема терапевтски ефект врз неа.

За ушни, уринарни, кожни инфекции

Со антибиотици се лекуваат болести предизвикани од бактерии, некои габи и одредени паразити, а немаат никакво дејство против вирусните инфекцији. Најчести болести кои се предизвикани од бактерии и каде што има смисла да се употреби антибиотик се:

*тешко воспаление на синусите;

*некои ушни инфекции;

*уринарни инфекции;

*многу кожни инфекции и инфекции на рани.

Најчести вирусни инфекции каде што антибиотиците немаат оправдување се:

*обична настинка;

*најголем број ушни инфекции;

*грип;

*кашлица во повеќето случаи;

*најголем број на воспаленија на грло;

*бронхитис (најчесто)

*стомачен грип

ПОСЛЕДИЦИ ОД ЗЛОУПОТРЕБА

Постојат неколку аспекти на неадекватна употреба на антибиотици, односно нивна злоупотреба. Најважен, секако, е во ситуациите кога тие се употребуваат за болести кои не можат да се лекуваат со нив како, на пример, настинка, грип и други вирусни инфекции. Тогаш тие имаат се помал ефект против бактериите за кои се направени и притоа непотребно го оптоваруваат организмот. Ова најчесто се случува кога сами се лекуваме базирајќи се на дијагнозата од советите на пријателите или некои претходни искуства. Запаметете: Секоја болест е посебна приказна и не мора да биде иста кај секого така што симптомите различно се толкуваат и потребен е лекар кој сите тие информации ќе ги стави во соодветен контест и ќе донесе одлука за лекување.

Друга честа ситуација за злоупотреба на антибиотиците е нивното неземање според препишаните правила.На пример, ако го пиете лекот само неколку денови, наместо во комплетно предвидено време, антибиотикот може да уништи некои, но не и сите бактерии. Тие кои преживуваат стануваат отпорни на тој лек и можат и понатаму да се шират на други луѓе, а кога ќе станат резистентни на лекови, се зголемува ризикот од компликации и од смртен исход.

НЕ ЗЕМАЈТЕ АНТИБИОТИЦИ БЕЗ РЕЦЕПТ

1. Информирајте се и разгледајте кога е оправдано да се употребат антибиотици. Не земајте антибиотик секогаш кога сте болни. Дури и некои обични бактериски инфекции, како што е благо воспаление на уво, немаат многу корист од употреба на антибиотици. Вашиот лекар треба да процени симптомите и да определи терапија.

2.Не притискајте го својот лекар да ви даде антибиотик ако имате вирусна инфекција. Наместо тоа, отворено разговарајте со лекарот како да ги олесните симптомите.

3. Земајте ги антибиотиците точно како што ви е препишано, следете ги упаствата на лекарот и никогаш не прекинувајте ја терапијата своеволно само затоа што се чуствувате подобро. Испијте ја целата препишана доза и тоа еединствениот начин да ги уништите сите штетни микроорганизми. Се друго остава простор за отпорните видови да преживеат и да се шират понатаму. Појавете се на закажаната контрола и бидете одговорни кон своето здравје.

4. Никогаш не земајте антибиотици без рецепт. Иако е можно да се излекуваме пиејќи антибиотици без консултација со лекар, никогаш немојте сами да земате антибиотици (ниту кои било други лекови) без лекарска препорака за конкретните тегоби што ги имате.