Текстови

ВИД

ШТО СЕ’ ГО ЗАГРОЗУВА ВИДОТ?

Лошо лекуваниот дијабетес може да биде причина за заматување на леќата која се нарекува катаракт, а може да предизвика и нарушување на мрежницата таканаречена дијабетичка ретинопатија. Високиот притисок ги загрозува крвните садови на мрежницата. Некои други болести, на пример, ревматските можат исто така да предизвикат пречки во видот. Но не се само болестите тие што им штетат на очите. И некои лекови може да влијаат врз загрозувањето на видот. Така, на пример, кортизонот и некои други диуретици може да ја поттикнат појавата на катаракт.

КРАТКОВИДНОСТА Е ЗНАК НА СТАРОСТ?

Неточно! Еднакво како и астигматизмот и кратковидноста може да се јави доста рано, во периодот на адолесценција или дури и претходно и не е поврзана со стареењето на окото. Болест поврзана со стареењето на окото е далековидоста. Старечката далековидост е речиси неизбежна по 40 години живот, а причината е слабеење на способноста на акомодација на окото.

МЛАДИТЕ ГЛЕДААТ ПОДОБРО?

Ниту овој факт не е точен. Добриот вид не мора да биде поврзан со возраста. Доказ: детето од осум недели гледа онолку далеку колку што се долги и неговите раце и не разликува бои. Како што расте неговиот вид станува се подобар. Благодарејќи на созревањето на видот, детето постапно почнува да распознава лица околу себе, да реагира на смеење… Околу петтата година видот достигнува 100 отсто. Како што од почетокот на животот видот постапно се развива така во подоцнежниот животен периодот гледањето на близина почнува да слабее.

КАКО ДА ГО ЗАЧУВАТЕ ВИДОТ?

Сончевите зраци, посебно ултравиолетовите го забрзуваат процесот на слабеење на видот. Тие зраци го забрзуваат создавањето слободни радикали. Очилата за сонце со квалитетни стакла се добро средство за заштита. Посебно им помагаат на личностите со светли очи и на оние што многу престојуваат на отворено. Важно е исто така да се избегнува пушењето, како и преголемото консумирање алкохол.Тие ја зголемуваат опасноста од заболување на крвните садови, па според тоа и на мрежницата, а влијаат и за појава на катаракт. Неодамна спроведеното истражување покажало дека литар вино и пет испушени цигари на ден двојно ја зголемуваат опасноста од појава на катаракт. Некои лекови врз база на растението гинко билоба се сметаат како корисни за да се спречат штетните промени на окото.