Спанаќот е едногодишно растение со темнозелени листови. Потекнува од Иранската висорамнина. Во средниот век се продавал свеж или варен, а и исечкан на прачиња. Арапите во 15тиот век го донеле спанаќот во Шпанија, од каде се проширил на Северна и Средна Европа, а во 17тиот век станал многу популарен и се подготвувал со шеќер.
Спанаќот е производ богат со вода, има ниска енергетска вредност и е лесно сварлив. Во спанаќот има 2,2% белковини, 3,9% јаглехидрати и 0,3% масти. Најголема вредност на спанаќот е во богатството на минералите и витамини. Содржи фолна киселина, витамини А и Ц, железо, магнезиум манган, рибофлавин, витамини Б6 и Е, калциум и калиум. Листовите на спанаќот имаат изразено зелена боја која им дава големо количество на хлорофил, па со право се нарекува “крал на зеленчукот со хлорофил”.
Минералите кои ги содржи спанаќот поволно влијаат врз организмот. Така на пример, магнезиумот е неопходен за работата на мускулите и срцето, калиумот го подобрува исфрлувањето на водата од организмот, а со тоа ја олеснува работата на бубрезите и срцето и го намалува крвниот притисок. Фолната киселина што ја содржи спанаќот има значајна улога во создавањето на црвените крвни зрнца.
Меѓутоа спанаќот содржи и оксална киселина, чии кристали може да ги затнат бубрежните канали, па затоа луѓето кои имаат проблеми со бубрезите треба да го избегнуваат. Делувањето на оксалната киселина врз организмот може да се ублажи доколку спанаќот се подготвува со млеко или павлака, бидејќи оксалната киселина се врзува со калциумот од млекото создавајќи нерастопив калциум оксалат кој се излачува од организмот.
При купување на спанаќ внимавајте листовите да бидат зелени и свежи, а рачките да бидат крцкави. Младиот спанаќ најчесто има по еден лист, светлозелена боја и мазна површина. Стариот спанаќ на една рачка има повеќе листови, темнозелена боја и нерамна површина.
Спанаќот секогаш подготвувајте го непосредно пред конзумирање, бидејќи еднаш термички обработениот спанаќ не смее повторно да се подгрева (поради создавање нитрити кои со делувањето на бактериите во дебелото црево се претвораат во нитрозамини кои делуваат канцерогено. Свежиот спанаќ може да се користи при подготвување на салати, додавајќи му маслиново масло и лимонов сок.